|
25.01.2010. |
|

Гостивар покрај досегашниот тренд на градење висококатници, почнува и да се шири.
Од документацијата за урбанистичките измени, се гледа дека градот, покрај трендот да расте во височина, во наредниов период и ќе се шири.
Во близина на населбата Малеарди, во урбаниот блок 21 ќе никне нова населба со околу педесетина станбени згради.
Предлозите за измена на деталниот урбанистички план за овој блок беа прифатени од Советот, а неделава ќе се најдат на јавна анкета. Со заокружувањето на формалностите, предвидено е уредување на простор со површина од 13 хектари.
Според одговорните во општинскиот Сектор за урбанизам за урбанистичко планирање, на приватно земјиште, идните инвеститори ќе можат да градат колективни згради за домување.
Во Секторот за урбанизам велат дека годинава приоритет ќе им биде донесувањето на урбанистичките планови за неурбанизираните делови и обновување на застарените. Изградба на три објекти за колективно домување предвидени се и на локација меѓу Здуње и Дебреше во урбаниот блок 39.
Во населбата Млаки во близина на старите гробишта на површина од 3.300 метри квадратни, обезбедени се урбанистички предуслови за градење деловен комплекс. Тука најверојатно приватни инвеститори ќе градат мотел.
Привршуваат формалностите и за урбаниот блок 16 кој ја опфаќа населбата Дутлок. Според измените во урбанистичките планови, овде покрај веќе изградениот стадион, предвидени се две тениски игралишта и олимписки базен. Нив ќе ги гради Агенцијата за млади и спорт.
Иако претходно се зборуваше дека во овој урбан блок ќе се гради црква, изградба на верски објект не е предвидена во урбанистичкиот план. Во секторот за урбанизам велат дека не добиле барање за измени кои би покренале таква иницијатива. www.kiss.com.mk |